maski-sterilitet

Идиопатски машки стерилитет / инфертилитет при нормални семени параметри

Откријте повеќе за идиопатскиот машки инфертилитет кај мажи со нормални семени параметри. Дознајте како генетски фактори, хормонални дисбаланси и други фактори можат да влијаат врз машката плодност, како и достапните дијагностички тестови и ин витро опции за третман во Мон Бебе.

Концепција или фертилизација се случува кога има фузија/соединување на машката и женската гамета и претставува сложен процес кој настанува во јајцеводите. Комплексноста на самиот процес ја даваат многубројните биолошки и хемиски реакции што се случуваат помеѓу сперматозоидите и јајце клетката во период од 24 – 48 часа, најкасно 72 часа од настанувањето на овулација. Со тоа се дефинира моментот на создавање на нова клетка наречена зигот, понатаму раст на истиот во ембрион и негова имплантација, односно бременост.

Инфертилитет / неплодност е една од причините поради кои има неуспех во зачнувањето, односно кај млад брачен пар подолг временски период не се реализира бременост. За инфертилитет може улога да игра машкиот фактор; исто така причина може да биде женскиот фактор, а може и двата во комбинација да доведат до неуспешна бременост.

Што подразбираме под терминот добар машки фактор?

Здрав сперматозоид со потенцијал за оплодување на јајце клетка и добивање на здрав ембрион.

Што се подразбира под терминот здрав сперматозоид?

Сперматозоид кој ги исполнува критериумите усвоени од Светската здравствена организација (WHO, 6-то издание од 2021), според кои се определуваат нормалните параметри на истиот во ејакулатот, како што се волумен, концентрација, подвижност, морфологија. Во пракса сме сведоци на голем број промени кај овие параметри, како што е намалена концентрација или број на сперматозоиди, слаба подвижност, големи промени во изгледот/морфологијата на сперматозоидите што се должи на бројни различни фактори, како и семен материјал во кој нема присуство на сперматозоиди.

Сите овие параметри можат да бидат соодветно определени со помош на анализи и тестови на ејакулатот, како што се:

  • Спермограм
  • Имуноглобулински тест
  • ДНК фрагментација
  • Хормонски тестови
  • Тест за дисфункција на флагелум

Причини кои можат да доведат до влошување на машката плодност можат да бидат од:

  • генетска природа,
  • хормонален дисбаланс,
  • стил на живот и надворешни фактори,
  • изложеност на топлина,
  • инфекции и воспаленија на репродуктивните органи (СТД, простатитис, епидидимитис),
  • возраста,
  • оксидативен стрес (лоша исхрана, изложеност на слободни радикали),
  • медицински состојби и третмани (нарушена функција на тестисите, варикоцеле, хемотерапија, лекови) итн.

Подобрувањето на соодветните параметри на сперматозоидите често бара решавање на овие фактори преку промени во животниот стил, медицински третман или специјализирани ИВФ интервенции.

Што кога сите овие направени тестови се во граници на нормала и немаме женски фактор?

Идиопатски инфертилитет, кога паровите или поединци се соочуваат со потешкотии при зачнувањето и соодветно ги поминале сите тестови и анализи, а не се идентифицирани точни причини за нивната неплодност, се дијагностицира како необјаснета или идиопатска инфертилност. Овој тип на инфертилност е присутен кај 15-20% од паровите кои бараат решение за својата состојба.

Во последните 10 години, се направени многубројни испитувања, анализи и истражувања за начинот на пенетрирање на сперматозоидот во зрела јајце клетка, како и процесите што го обележуваат тој чин; ензимски и протеински комплекси кои учествуваат во метаболитните процеси во и меѓу двете гамети; поединечни гени, генски кластери и хромозоми кои влегуваат во активирање и нивна регулација.

Првата бариера која сперматозоидот треба да ја помине се кумулусните гранулозни клетки околу јајце клетката. За да стигне до нив треба да помине долг пат низ женскиот репродуктивен тракт, за што е потребна брзина и подвижност. На молекуларно ниво, докажано е дека подвижноста на сперматозоидот е контролирана од интраклеточната концентрација на калциумови јони како и сперм-специфичен јонски канал на флагелумот/опашката на сперматозоидот. Овој јонски канал, наречен CatSpеr, игра важна улога во активирањето на опашката на сперматозоидот во присуство на хормонот прогестерон што се излачува од гранулозните клетки околу јајце клетката. На тој начин доаѓа до негова хиперактивација и можност за пенетрирање во наредниот заштитен слој или Zona pellucida на јајце клетката. Правилното функционирање на CatSpеr-каналот е од есенцијално значење за успешна фертилизација. Опсежна студија (Young et al., 2024) покажала дека под дејство на хормонот прогестерон кај пациенти со нарушена функција на CatSpеr-јонскиот канал, сперматозоидите не можат да постигнат хиперактивација на флагелумот. Сперматозоиди со ваква дисфункција можат да стигнат до јајце клетката, но не можат да ги поминат последните слоеви и да навлезат во самата јајце клетка, што резултира со неплодност.

Се поставува прашањето што понатаму?

Ваквиот тип на инфертилитет не може да се открие со стандардни анализи на сперматозоиди споменати погоре. Тековните студии сугерираат дека еден на сто неплодни мажи страдаат од нарушена функција на CatSpеr. Причините за ова се генетски дефекти во една од 15-те CatSper подединици. Најчесто е засегнат генот CATSPAR2. Кај пациенти со нарушена функција или дисфункција на оваа јонска пумпа, не може да се оствари бременост по природен пат ниту со интраутерина инсеминација (IUI), ниту со класичен ин витро процес (IVF). Овој проблем може да се реши само со методите ICSI, IMSI, PICSI, што значи дека останатите обиди би биле изгубено време.

Бидејќи овој проблем не може да се открие со конвенционалните микроскопски стандардни анализи на сперматозоидите, потребно е да се направи специфичен тест кој точно го детектира протеинот одговорен за функцијата на CatSper-калциумова пумпа. Таков тест, во Македонија, единствено се прави во просториите на нашата ин витро установа МОН БЕБЕ Клиника.

Пред една деценија опциите за третман на машката неплодност беа многу ограничени. Денес има значаен напредок во оваа област со воведување на нови терапии и индивидуален пристап кон пациентите, што значително ги подобрува шансите за зачнување.

Магистер Милена Волчева Ембриолог во ин витро центар MON BEBE- Скопје

ПрашањеОдговор
Што е идиопатски машки инфертилитет?Идиопатски машки инфертилитет е неплодност кај мажите со нормални семени параметри, но без јасно идентификувани причини за неплодноста.
Кои се најчестите фактори за машки инфертилитет?Фактори вклучуваат генетски нарушувања, хормонален дисбаланс, стил на живот, оксидативен стрес и инфекции на репродуктивните органи.
Кој тест може да открие дисфункција на CatSpеr-јонскиот канал?Тест кој специфично го детектира протеинот за функцијата на CatSper-калциумова пумпа е достапен во MON BEBE, како специјализирана опција за дијагностика.
Кои третмани се достапни за идиопатски машки инфертилитет?Методите ICSI, IMSI и PICSI се препорачуваат за парови каде проблемот не може да се реши со интраутерина инсеминација или класичен ин витро процес.

Слични статии

Tags: машки инфертилитет, идиопатски стерилитет, машка плодност, нормални семени параметри, ин витро фертилизација, тестови за машка неплодност, Мон Бебе
Keywords: идиопатски машки инфертилитет, машка неплодност, нормални семени параметри, ин витро, CatSpеr канал, машка стерилност, сперматозоиди, тестови за машка плодност

Напиши блог